Skip to main content
Македонија

Правилата не се пречка – тие се пат до успешна држава

06/08/2026  15:54

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Денес, прелистувајќи ги дневните весници, повторно ми се наметна една мисла што, според мене, недоволно ја согледуваме, а е од суштинско значење за иднината на Македонија.

Замислете дека сакате да присуствувате на голем спортски натпревар. Купувате билет и со тоа го стекнувате правото да влезете на стадионот. Но, дали со купувањето на билетот завршуваат и вашите обврски?  Секако дека не.  Со самиот чин на влегување во спортската арена прифаќате да ги почитувате правилата што важат за сите посетители. Тие не постојат за да ја ограничат вашата слобода, туку за да обезбедат сите безбедно, достоинствено и рамноправно да уживаат во натпреварот. Ако ги прекршите, не можете да се оправдувате дека не сте ги знаеле. Самото купување на билетот значи дека сте ги прифатиле правилата.

Истата логика важи и кога една држава сака да стане членка на некоја меѓународна организација или сојуз.

За да стане членка, таа мора да исполни одредени критериуми, правила и стандарди. Но суштината не е тие да се исполнат само за да се добие членство. Вистинската цел е тие да станат траен дел од функционирањето на државата, затоа што пред сè им служат на нејзините граѓани.

Независното судство, владеењето на правото, ефикасната администрација, борбата против корупцијата, отчетноста на институциите и еднаквоста пред законот не се услови што некој ни ги наметнува. Тоа се темели без кои ниту една држава не може да биде успешна и стабилна.

Како дополнување на ова размислување, можеме да се потсетиме и на уште еден многу едноставен пример.  Кога како граѓанин добивате виза за престој во друга држава, без разлика дали станува збор за краткорочен престој, работа или дозвола за долгорочно живеење, со тоа не стекнувате само права, туку преземате и обврски. Прифаќате да ги почитувате законите, правилата и општествените норми на државата што ве примила.

Никому не му паѓа на памет да се оправдува дека „кај нас дома тоа така се прави“ или дека неговите навики треба да важат и таму. Напротив, секој што сака да биде прифатен знае дека мора да се вклопи во системот, а не системот да се прилагодува на него.

Најдобра потврда за тоа се нашите сограѓани кои со години живеат и работат во Германија, Австрија, Швајцарија, Словенија и во многу други држави. Тие многу брзо сфаќаат дека успехот и почитта не се стекнуваат со барање привилегии, туку со почитување на правилата. Затоа македонските иселеници, во најголем број случаи, се ценети како вредни, дисциплинирани и лојални жители на средините во кои живеат и работат.

Тогаш сосема оправдано се поставува прашањето: ако умееме да ги почитуваме правилата во туѓите држави, зошто истата култура на почитување на законите и институциите да не ја изградиме и во сопствената држава?

Не случајно секоја современа демократска држава се темели врз три независни столба – законодавната, извршната и судската власт. Нивната независност не е формалност, туку предуслов за рамнотежа, меѓусебна контрола и навремена реакција кога некој од столбовите ќе почне да ја губи својата функција.  Само кога тие функционираат навистина независно, професионално и во интерес на јавноста, државата може да биде стабилна, предвидлива и успешна. Во спротивно, институциите постојат само формално, а граѓаните постепено ја губат довербата во системот што сами го финансираат.

Оттука се наметнува едно прашање: колку навистина сме блиску до нашата декларирана цел – да станеме дел од европското семејство не само формално, туку и суштински? Не само со исполнување на условите, туку и со квалитетот на институциите, владеењето на правото, стандардот на живеење и одговорноста кон јавниот интерес.

Лично сметам дека најголемиот дел од одговорноста лежи кај нас самите. Полесно е вината да ја бараме кај надворешните фактори отколку искрено да се погледнеме во огледало. Секако дека меѓународните околности имаат свое влијание, но тие никогаш не можат да бидат оправдување за слабостите што со години не успеваме сами да ги надминеме.

Во моите претходни колумни – „Кому му одговара Македонија да стои во место“, „Да не ги прескокнуваме приоритетите“, „Човечкиот капитал – најголемото богатство што Македонија го губи“, „Кога транзицијата станува систем“ и други – постојано се обидував да укажам дека вистинските реформи започнуваат со промена на начинот на размислување. Денес, за жал, сè уште имам чувство дека таа порака не е доволно разбрана и дека реалните проблеми премногу често ги заменуваме со дневнополитички пресметки.

Затоа сакам ова размислување да не остане само мое. Ги повикувам читателите да се вклучат во оваа јавна дебата, затоа што иднината на Македонија не зависи само од политичарите, туку и од нашата подготвеност да изградиме држава во која правилата ќе важат еднакво за сите.

Затоа, ако сакаме успешна држава, не треба најнапред да прашуваме што бара Европската Унија од Македонија. Треба да се запрашаме што бара Македонија од самата себе. Одговорот е едноставен: да изградиме општество во кое правилата важат подеднакво за сите. Токму таму започнува секоја успешна држава.