
Бизарен и вознемирувачки случај е пријавен во кочанската полиција, откако станари од зграда на улицата „Димитар Влахов“ пријавиле дека непознато лице во два наврати, доцна во ноќта, пуштило мал дрон во нивниот стан. Според нивните сведоштва, постои сомнеж дека со леталото биле снимани членовите на семејството додека спиеле.
Инцидентот се случил ноќта меѓу 10 и 11 септември.
Според станарите, при првиот упад дронот преку отворената врата од терасата влетал директно во спалната соба. Звукот на леталото ги разбудил домашните, по што лицето кое управувало со него се обидело веднаш да го извлече од станот. При повлекувањето, дронот удрил во стаклото.
Но, тука не завршило сè.
Кратко потоа дронот повторно се појавил и по вторпат влетал во спалната соба, овојпат навлегувајќи околу еден метар во просторијата. Членовите на семејството, кои веќе биле будни и подготвени, се обиделе да го соборат леталото, по што лицето кое управувало со него го повлекло и побегнало.
Случајот бил пријавен во полиција, а од МВР потврдиле дека се преземаат мерки за негово расчистување. За настанот бил известен и јавен обвинител.
Полицијата побарала од Агенцијата за цивилно воздухопловство да изврши проверка дали во наведениот период било пријавено користење дрон на подрачјето на Кочани.
Од Основното јавно обвинителство Кочани соопштиле дека се преземаат дејствија за откривање на лицето кое управувало со леталото.
Станарите се сомневаат дека станува збор за неовластено снимање и нарушување на неповредливоста на домот. Сепак, дали и за кое кривично дело евентуално станува збор ќе утврдат надлежните институции по завршувањето на проверките.



