
Со јавна трибина на градскиот плоштад во Куманово започна карванот „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, на кој граѓани, здравствени работници и претставници на граѓански организации разговараа за неправилностите во здравствениот систем и нивното влијание врз пациентите.
Настанот го организираше Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во рамките на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.
На плоштадот била поставена импровизирана чекалница, која ги симболизирала долгото чекање и најчестите облици на корупција со кои се соочуваат пациентите.
„Корупција е и уверувањето дека без врски нема навремена услуга“
Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ истакна дека корупцијата во здравството не се сведува само на директно барање или давање пари.
Според него, проблем постои и кога пациентите веруваат дека без врски, подарок или дополнително плаќање не можат навреме да ја добијат потребната услуга. Таквата состојба, како што рече, создава нееднаквост и ја поткопува довербата во системот.
Куманово е една од општините опфатени со истражување меѓу граѓаните и здравствените работници. Организирани биле и фокус-групи со жени од различни категории.
Како најчести проблеми граѓаните ги посочиле долгото чекање за специјалистички преглед или операција, високите цени на лековите и незаконското наплаќање гинеколошки услуги што треба да бидат бесплатни.
Сведоштво за побарани 3.000 евра
На трибината било споделено и сведоштво на пациентка која тврди дека од нејзиното семејство биле побарани 3.000 евра за нејзиниот сопруг побрзо да биде опериран.
Според нејзиното сведоштво, сопругот бил во критична здравствена состојба и му била потребна итна хируршка интервенција, но во болницата им било кажано дека треба да чека повеќе од еден месец.
Жената тврди дека медицинска сестра ѝ понудила операцијата да биде извршена порано доколку семејството плати 3.000 евра. Парите, според сведоштвото, биле позајмени и предадени на друго лице во кафуле, по што пациентот бил опериран следниот ден.
Наводите беа пренесени како лично сведоштво на трибината, а во соопштението не се наведуваат болницата, инволвираните лица ниту дали случајот бил пријавен и истражен од надлежните институции.
Граѓаните принудени да бараат „побрз пат“
Лидија Илијевска, претседателка на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, рече дека долгото чекање и другите слабости во системот често ги тераат граѓаните да бараат побрз начин за добивање здравствена услуга.
Според неа, дел од граѓаните самите понудиле пари за навремено лекување, додека од други директно била побарана одредена сума. Биле посочени и случаи во кои пациентите биле упатувани во приватни здравствени установи или им било барано да купуваат конкретни лекови и препарати.
На трибината било нагласено дека ваквите појави им нанесуваат штета и на здравствените работници кои професионално и одговорно ја вршат својата работа.
Докторката по општа медицина Нина Близнаковска Стојковиќ порача дека поединечните неправилности можат да создадат сомнеж, а повеќето случаи да предизвикаат недоверба кон целиот здравствен систем.
Карванот „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“ следната сабота ќе продолжи во Прилеп. Проектот се реализира со финансиска поддршка од „Expertise France“, преку Француската агенција за развој.



