Skip to main content
Македонија

Филипче: Бараме итна истрага за нападот на децата во Ново Село од страна на ВМРО

06/08/2026  16:26

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска од Ново Село побара итна истрага и итна реакција од надлежните институции по синоќешниот напад врз младите социјалдемократи, бидејќи станува збор за сериозен инцидент кој не смее да остане неказнет. Филипче укажа дека нападот врз младите кои само јавно ја говореа вистината за Гостивар, претставува опасен обид за заплашување и замолчување на секој што има поинакво мислење од власта.

„Бараме итна истрага, итна реакција на Министерството за внатрешни работи, итна истрага на обвинителството, кои беа тие луѓе? Затоа што беа активисти на ВМРО, затоа што беа луѓе блиски на Христијан Мицкоски. Тие луѓе кои што посегнаа по тоа да физички се пресметаат со младите деца кои ја говореа вистината”, рече Филипче.


Тој порача дека младите нема да останат сами и дека нападот е показател за стравот на власта од вистината.


„Упатувам порака, децата не се сами. Не беа сами синоќа, не се сами денеска, нема да бидат сами ниту утре. Ова е знак дека власта е исплашена. Исплашена е заради тоа што излегува вистината за загадената вода, излегува вистината за економијата, излегува вистината за Европа, излегува вистината за тоа дека сега сме слепо црево на Европа”, рече Филипче.


Во изјавата, Филипче порача дека доаѓа време на правда и вистина, а Владата на ВМРО ќе одговара за сите криминали, а особено за нападот врз младите.


„Доаѓа време на правда и вистина. И ќе одговарат. Ќе одговарат за сите криминали, а најмногу за тоа што посегнаа по децата поради тоа што единствено нешто што децата правеа ќе повторам,  ја говореа вистината”, рече Филипче.


Воедно, Филипче нагласи дека ваквите обиди за заплашување нема да ја замолчат СДСМ и граѓаните кои јавно ја кажуваат вистината, додавајќи дека младите имаат поддршка.


„Оваа власт нема да не замолчи. Ако ова е порака дека секој кој што мисли различно и кој што ја говори вистината, ќе биде замолчен и со него физички ќе се пресметат, упатувам јасна порака – нема да им успее. Доаѓа време на вистина и правда”, порача Филипче.