
Во Нови Сад денеска се одбележува втората годишнина од смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реновираната железничка станица, трагедија што предизвика бран антивладини протести против корупцијата, предвремените избори и пад на српската влада, додека сè уште се чека одговорните да седнат на обвинителната клупа.

Настрешницата се урна на 1 ноември 2024 година во 11 часот и 52 минути, под тежина на бетонот, стаклото и лошо изведените градежни завршни работи, а демонстрантите, предводени од студентите, ги гледаат виновниците во коруптивните владини зделки, злоупотребите и небрежноста.
Под бетонот и стаклото речиси веднаш починаа 14 претежно млади луѓе, а во следните денови и месеци, починаа уште две жртви, додека едно девојче преживеа со трајни последици.
Меѓу загинатите имаше четири деца на возраст од шест, 10, 16 и 17 години.
Под притисок на јавноста, по несреќата следеа апсења, меѓу кои и неколку министри и нивни соработници, но до денеска, и покрај тоа што обвиненијата беа изменети и дополнети, никој сè уште не е изведен пред суд.
Во Нови Сад денеска, симболично, во 11:52 часот, се одржа комеморативен состанок, свикан од студентското движење, а собирите на неколку локации во градот започнаа околу 9:30 часот, од каде граѓаните маршираа во поворки до местото на несреќата и им оддадопа почит на жртвите.

Патријархот на Српската православна црква, Порфирије, служеше на комеморацијата на жртвите во белградската катедрала Свети Сава.
