
Светските берзи се соочуваат со силна распродажба, а вкупната пазарна вредност на акциите е намалена за речиси 9.000 милијарди долари во однос на највисокото ниво достигнато во август. Падот се засили неделава, додека инвеститорите сè повеќе се сомневаат дека големите вложувања во вештачка интелигенција ќе ја донесат очекуваната заработка. Дополнителен притисок создаваат очекувањата за ново зголемување на каматните стапки во САД, објави „Ројтерс“.
Најсилно беа погодени азиските пазари, кои ја забележаа најлошата недела од 2020 година. Во Тајван акциите загубија околу 17 отсто од вредноста за пет трговски дена, што е најголем неделен пад од почетокот на 1990-тите. Јапонскиот индекс „Никеи“ и јужнокорејскиот КОСПИ во петокот паднаа за повеќе од 4 отсто, додека европскиот СТОКС 600 во претпладневното тргување се намали за 1,5 отсто.
Продажбата се засили и на Волстрит. Индексот С&П 500 во четвртокот загуби 2 отсто и го забележа шестиот последователен ден на пад. „Дау Џонс“ се намали за 2,2 отсто, а технолошкиот „Насдак“ за 2,3 отсто. Сите три индекси беа под притисок, а С&П 500 и „Насдак“ тргуваа во минус и на отворањето во петокот.
Оптимизмот околу вештачката интелигенција во изминатите години ги подигна цените на акциите на производителите на чипови и на компаниите поврзани со изградбата на податочни центри. Сега инвеститорите преиспитуваат дали приходите и добивките на тие компании можат да ги оправдаат високите берзански вреднувања. Неизвесноста дополнително се зголеми по заминувањето на Џенсен Хуанг од функцијата извршен директор на „Енвидија“.
Притисокот се почувствува и на пазарите на суровини, каде што поевтинија бакарот и златото. Во исто време, индексот VIX, кој ги мери очекуваните осцилации на американскиот пазар на акции, во петокот достигна 30 поени, највисоко ниво од крајот на март.

