Skip to main content
Македонија

Правото не смее да биде политички трофеј

21/11/2026  16:01

Прашањето на кој јазик ќе се полага правосудниот испит е важно, но поважно е како до судија што ќе биде стручен, компетентен, со интегритет и неподложен на партиски влијанија и корупција, без оглед на неговото етничко потекло.

Правото на секој граѓанин да го користи својот јазик и да ги остварува своите права пред институциите заслужува почит и доследна примена. Затоа и прашањето дали правосудниот испит може да се полага на друг службен јазик не треба да се третира како причина за етничко надмудрување, туку како правно и институционално прашање на кое треба да се даде јасен одговор.

Ако постојната законска рамка не овозможува полагање на испитот на друг службен јазик, законодавецот може да ја преиспита и измени. Но, секоја промена мора да биде внимателно осмислена: да ги утврди условите, начинот на проверка, еднаквите критериуми и професионалните стандарди што мора да ги исполнува секој кандидат. Правото на јазик не смее да биде ниту привилегија ниту пречка за професионално напредување.

Сепак, сметам дека во јавната дебата премногу внимание се посветува на јазикот на полагање, а премалку на прашањето што треба да биде нејзината крајна цел – какво правосудство сакаме и какви судии ни се потребни. Дали сакаме судија што само формално ги исполнува условите, или судија што поседува знаење, стручност, професионална самостојност, личен интегритет и храброст да одлучува според законите и доказите, без страв од политички притисоци, партиски интереси или коруптивни влијанија?

Токму тука треба да се мери успехот на секоја реформа. Полагањето на правосудниот испит е еден чекор во професионалното оспособување, но само по себе не гарантира дека ќе добиеме независен и непристрасен судија. За тоа се потребни објективни и еднакви критериуми, независни испитни комисии, транспарентен избор и унапредување, јасна одговорност и институции заштитени од партиско влијание. Без такви гаранции, секоја промена може да остане само формално решение, а довербата во правосудството повторно да биде доведена во прашање.

Треба да направиме и јасна разлика меѓу правото на граѓанинот да го користи својот јазик во постапката и професионалната способност на судијата да ја извршува својата функција. Граѓанинот не треба да биде принуден да го познава службениот јазик за да може да побара правда. Неговото право на разбирање и учество во постапката мора да биде обезбедено со законски предвидените јазични гаранции и превод. Но, преводот не може да ја замени непосредната професионална способност на судијата да ги разбере предметот, доказите, правните аргументи, законите и комуникацијата во институцијата.

Како споредба може да послужи и воздухопловството. Патникот во авион не мора да го познава англискиот јазик за да го користи правото на безбеден превоз. Но, пилотот и членовите на екипажот мора да ги исполнуваат јазичните стандарди потребни за безбедна професионална комуникација. Тоа не им забранува да го зборуваат и својот мајчин јазик. Слично треба да размислуваме и за правосудството: јазичните права на граѓаните мора да бидат заштитени, а професионалните стандарди на судиите јасно утврдени. Се разбира, судството има свои специфични правила и не може механички да се изедначува со воздухопловството, но принципот на разликување меѓу правата на корисникот и професионалните обврски на институцијата останува важен.

Посебно треба да внимаваме правото да не стане политички трофеј. Кога една законска промена се претставува како победа на една партија, етничка заедница или политичка коалиција над друга, се губи нејзината вистинска смисла. Правата не се заслуга на политичките партии, ниту сопственост на мнозинството или малцинството. Тие се обврска на државата кон сите граѓани. Исто така, професионалната способност и интегритетот не се својство на етничката припадност, туку на личноста и нејзината работа.

Во граѓанска и демократска држава различностите треба да се почитуваат и да бидат дел од заедничкиот живот, без некој да доминира, но и без некој да биде маргинализиран. Единството не значи истоветност, како што различноста не треба да значи поделба. Институциите мора да им служат на сите граѓани и да функционираат според заеднички професионални и законски стандарди.

Затоа, пред да се претвори прашањето за јазикот на правосудниот испит во политичко надмудрување, треба да се запрашаме што навистина сакаме да постигнеме. Не е најважно кој ќе прогласи политичка победа, туку дали промената ќе придонесе кон посилно, понезависно и поправедно правосудство.

На граѓаните не им е потребен судија што ќе ја оправда нивната доверба со своето име, потекло или партиска припадност, туку со знаењето, интегритетот и одлуките. Судија што ќе биде еднаков пред законот и независен од секој што би сакал да влијае врз неговата одлука.

Правото треба да ги зближува граѓаните, професионалните стандарди да ги обединуваат институциите, а политиката да ја преземе одговорноста за гаранциите што ги ветува.