Skip to main content
Хроника

МВР со засилени контроли во 66 угостителски објекти и казина – приведени лица, откриени малолетници и незаконско приредување игри на среќа

19/10/2026  09:34

На 17/18.10.2026 година, Одделот за криминалистичка полиција, во содејство со секторите за внатрешни работи и во координација со надлежните инспекциски служби, спроведе контроли во 66 угостителски објекти и казина, при што се утврдени низа неправилности.

Полициските службеници легитимирале 38 лица, извршиле преглед на 61 лице и едно патничко моторно возило, а го утврдиле идентитетот на 31 лице.

При контролите, во еден објект е затекнато лице кое вршело дејност обезбедување без лиценца и легитимација, а во друг е нарушен јавниот ред и мир. Изречени се три глоби за прекршување на Законот за заштита од пушење.

Едно лице е приведено поради одбивање да се легитимира, а три странски државјани поради нерегулиран престој во државата. Во еден објект се затекнати четири малолетни лица по 24:00 часот, а во два објекти е констатирано точење алкохол на малолетници.

На патот во близина на селото Мажучиште, прилепско, е сопрено лице кое управувало моторно возило под дејство на алкохол, при што се измерени 2,04 промили алкохол во крвта. Лицето е лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило” по член 297-а од Кривичниот законик.

Во рамки на активностите, ОВР Кичево извршил претрес на локација каде што незаконски се приредувале игри на среќа, при што биле затекнати две лица и одземени предмети поврзани со случајот. По целосно документирање, ќе следува соодветна пријава.

Во контролите учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство, чии служби утврдиле неправилности поврзани со непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. Притоа се преземени соодветни мерки и санкции.

МВР продолжува со засилени и координирани контроли во угостителските објекти и казината, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија, доследно почитување на законите и поголема безбедност на граѓаните.