Skip to main content
Македонија

Чилиманов: Лозарите не смеат и во 2026 година да бидат жртви на задоцнети мерки и нетранспарентна земјоделска политика

19/10/2026  09:16

Либерално-демократската партија (ЛДП) предупредува дека проблемите во лозарството и винската индустрија не можат да се решаваат со задоцнети финансиски интервенции, без јасни критериуми, економски анализи и долгорочна стратегија. Наместо предвидлива земјоделска политика, лозарите и винариите повторно се соочуваат со неизвесност, а Министерството за земјоделство сѐ уште должи одговори за оправданоста и ефектите од мерките за поддршка на секторот.

„Иако Министерството ја претставуваше реколтата во 2025 година како успешна, дополнителната финансиска поддршка на винариите од 8 денари  по килограм за откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија отвори сериозни прашања за реалната состојба на пазарот, начинот на креирање на мерките и нивната оправданост. Овие прашања се особено важни во 2026 година, кога на лозарите им се потребни сигурност и јасни услови за новата производствена сезона, имајќи во предвид дека над 70% од родот остана необран, искалиран или презреан”, вели во својата изјава Илија Чилиманов, член на Извршниот одбор на ЛДП.

Претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, минатата година побара конкретни одговори од министерот за земјоделство, за економската и пазарната анализа врз основа на која е донесена мерката, начинот на кој е утврден износот на поддршката и субјектите што ќе ги користат јавните средства.

Според ЛДП, јавноста сѐ уште заслужува транспарентен увид во критериумите, финансиската распределба и ефектите од ваквата интервенција.

„ЛДП бара Министерството за земјоделство да ги објави резултатите и ефектите од досегашните мерки, да ги разјасни критериумите за распределба на средствата и да презентира конкретен план за стабилизација и развој на лозарството и винската индустрија за следната година. Тој план мора да вклучува навремена поддршка, транспарентни правила, одржливи откупни услови и мерки за подобрување на конкурентноста на македонското вино. Политиките кои ги креира Министерството треба да бидат насочени како директна поддршка на земјоделците, а не за креирање на профит на поединци”, додава Чилиманов.

Со оглед на тоа дека винскиот сектор е еден од најзначајните земјоделски и извозни потенцијали на државата, министерството должи одговор во кој временски период е исплатена поддршка на винариите, кој е износот на поддршка на секоја винарија поединечно и кои се ефектите на оваа мерка.