
Организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ упатија остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и актуелното партиско раководство по изборниот резултат во Општина Брвеница, оценувајќи дека партијата продолжува да тоне и дека се неопходни итни структурни промени.
Во соопштението, насловено „СДСМ со Филипче се бетонира во петта партија во Скопје, четврта во Куманово и Брвеница“, организаторите обвинуваат дека актуелното раководство ја пропуштило можноста да направи политички пресврт и наместо вистинска опозициска борба, продолжува со погрешна стратегија.
„После скандалите со Ива Михајлова и Артан Груби, кои се случија за време на предизборната кампања, раководството на СДСМ имаше реална можност да направи пресврт. Но, наместо на терен вистински да се бори против власта, Венко Филипче секојдневно измислува нови лаги“, се наведува во соопштението.
Од иницијативата оценуваат дека четвртото место на СДСМ во Брвеница е директна одговорност на актуелното раководство, кое, според нив, продолжува да ги игнорира предупредувањата за состојбата во партијата.
Посебно се осврнуваат на изборниот резултат и на кандидатот Јовица Радески, за кого наведуваат дека бил доведен пред свршен чин откако претходно неколку истакнати членови не ја прифатиле кандидатурата.
„Тие не сакале да дозволат во вториот круг некој зад нивен грб да им ги пазари гласовите“, тврдат организаторите, додавајќи дека на Радески му честитаат за достоинствениот настап во предизборната кампања.
Во соопштението се наведува дека СДСМ во Брвеница освоил 225 гласа повеќе во споредба со 2025 година, но истовремено посочуваат дека кандидатот за градоначалник добил 57 гласа помалку од гласовите што ги освоила советничката листа на СДСМ пред една година.
Според организаторите, ваквите резултати се уште една потврда за, како што велат, агонијата во која се наоѓа партијата.
„Не постои поголемо понижување за историјата на СДСМ од нивниот очај дека освоиле 225 гласа повеќе во споредба со 2025“, се наведува во реакцијата.
Иницијативата упатува и сериозни политички обвинувања кон Филипче, оценувајќи дека со неговото раководење СДСМ дополнително ја зацврстува позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител во највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена за слобода“, обвинуваат од „Разговори за иднината во 12:05“.
Организаторите јавно поставуваат три прашања до раководството на СДСМ, барајќи одговори на следната седница на Централниот одбор.
Првото прашање се однесува на анкетите за кои тврдат дека покажуваат оти СДСМ во шестата изборна единица веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат.
Второто прашање е зошто, според нив, повторно се актуелизира идејата за влез на актуелното раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски.
Со третото прашање директно бараат Филипче и неговите соработници да се повлечат од партиското седиште.
„Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат ‘Бихаќка’?“, прашуваат организаторите.
На крајот од соопштението, иницијативата повторно го повикува Филипче да го прифати нивниот план за структурни реформи во СДСМ.
„Пред да стане предоцна, Венко Филипче треба уште еднаш да го прочита и без обиди за пазарење конечно да го прифати нашиот план за структурни реформи во СДСМ“, порачуваат организаторите.
Со оваа реакција, „Разговори за иднината во 12:05“ дополнително го засилуваат притисокот врз актуелното раководство на најголемата опозициска партија, барајќи промена на досегашниот начин на водење на СДСМ и отворање процес на внатрепартиски реформи.

