
Двајца вработени во ЈП „Комунална хигиена“ се повредени откако неколку лица физички ги нападнале на автобуска постојка на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Нападот се случил околу полноќ на 29 ноември, потврдија од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“.
Според МВР, случајот го пријавил 46-годишниот А.М. од Скопје во СВР Скопје истиот ден во 16 часот. Тој пријавил дека бил нападнат заедно со својот 30-годишен колега Р.С., исто така од Скопје. Кај двајцата биле констатирани телесни повреди во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
За нападот претходно објави медиумот на албански јазик „Па цензуре“, кој наведе дека нападнатите работници се од албанска националност и дека во нападот учествувале 15 припадници на навивачката група „Комити“. Од МВР засега нема потврда за идентитетот на напаѓачите или за евентуален етнички мотив.
Полицијата соопшти дека презема мерки за расчистување на случајот.

