
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа тематска прес-конференција во Владата, на која информираше за исходот од 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Бусан, Република Кореја.
Министерот Муцунски информираше дека во првичниот предлог на одлуката било предвидено Охридскиот Регион веднаш да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. По усвојувањето на амандманот, оваа формулација е отстранета. Охридскиот Регион останува на Листата на светско наследство на УНЕСКО и во оваа фаза нема да биде впишан на Листата во опасност.
„Ова претставува значаен дипломатски успех за државата. Резултатот произлегува од координирана државна акција, предводена од претседателот на Владата, и од посветената работа на сите институции вклучени во процесот”, истакна Муцунски.
Во активностите беа вклучени Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и Амбасадата во Париз, која имаше значајна улога во комуникацијата со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство.
Министерот посочи дека во изминатиот период биле водени интензивни разговори и дипломатски консултации со цел да се изгради поддршка меѓу државите членки на Комитетот. Во рамките на дијалогот биле јасно претставени позициите на државата, преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион.
„Покажавме дека дипломатијата носи конкретни резултати. Таа не е само присуство на меѓународни состаноци, туку способност да се градат партнерства, да се создава доверба и да се заштитат најзначајните национални интереси”, нагласи Муцунски.
Осврнувајќи се на значењето на Охридскиот Регион, тој оцени дека станува збор за природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, чие значење ги надминува националните граници. Охридското Езеро, со својата природна уникатност, биолошка разновидност и богато културно-историско наследство, претставува непроценливо светско добро и симбол на регионалната соработка, одржливиот развој и заедничката грижа за светското наследство.
Муцунски потенцираше дека зачувувањето на Охридскиот Регион е национален приоритет и одговорност кон идните генерации, а постигнатиот резултат ја потврдува јасната определба на Владата за негова трајна заштита.
Со дипломатскиот ангажман е обезбеден дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и за спроведување на Стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година. Во следниот период, заедно со Албанија, треба да биде подготвена временски ограничена рамка за спроведување на Планот, а до 1 февруари 2027 година да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок.
„Дипломатијата го обезбеди потребниот простор. Сега обврската е на сите надлежни институции тој простор да го претворат во конкретни и мерливи резултати, преку целосно исполнување на преземените обврски”, порача Муцунски.
Министерството ќе продолжи со активна дипломатска работа и координација со Албанија, УНЕСКО, државите членки на Комитетот и меѓународните партнери, со јасна цел – трајно зачувување на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство.
