Skip to main content
Економија

Македонија останува без рудари – бројот на вработени во секторот падна за 7,7%

12/08/2026  16:17

Во пресрет на Денот на рударите, македонското рударство се соочува со двоен проблем – бројот на работниците во секторот се намалува, а новите инвестиции и работни места изостануваат.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во индустријата во јуни 2026 година е намален за 2,3% во однос на истиот месец лани. Најголемиот пад е регистриран токму во секторот „Рударство и вадење камен“.

„Бројот на работниците во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7.7%“, соопшти ДЗС.

Паралелно со намалувањето на бројот на работници, растат и примањата во секторот, кои сега надминуваат илјада евра месечно. Сепак, повисоките плати не се проследени со отворање нови работни места, бидејќи инвестициите во рударството продолжуваат да се соочуваат со пречки.

Еден од најзначајните примери е проектот за рудник за бакар „Иловица–Штука“, чија реализација би донела нови работни места и дополнителен инвестициски циклус во секторот.

Компанијата „Еуромакс ресоурцес“ која стои зад инвестицијата во Иловица, најави 1.000 директни вработувања во текот на изградбата и 500 директни вработувања во текот на работењето, со предност за локалното население, додека пак проценките се дека ќе се отворат 2.700 индиректни вработувања како резултат на работата на рудникот. Овие индиректни вработувања се очекуваат преку соработката на компанијата со локалните добавувачи и изведувачи, а тука се опфатени услугите за снабдување со храна, транспорт, сместување… Овие дополнителни активности се предвидува дека засилено ќе го активираат локаното население и многу локални фирми ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот животен стандард.

Универзитетската професорка по геологија Соња Лепиткова, во гостување на Канал 5 ТВ, нагласи дека рудниците се проекти кои имаат додадена вредност и треба да се отворат ако се исполнети сите неопходни критериуми и стандарди.
„Тоа се скапи објекти од самиот почеток на инвестирање. Таму луѓето работат за големи плати. Таму ќе се примаат не само геолози и рудари, туку и машински инженери, информатичари, сообраќајни инженери, технолози, металурзи, електроинженери итн. Таму ќе се земаат големи плати и тоа ќе носи развој на вкупниот сегмент на еден простор, па и на целата држава“, истакна Лепиткова. 

Сепак, додека нема нови инвестиции се помал е и интересот кај младите да ги изучуваат овие струки. Претседателот на Здружението на металурзи и професор, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ, сподели поразителни бројки за новозапишани студенти, додавајќи дека ваквиот вид на образование и е потребен на државата.

„Интересот за оваа професија е многу мал. Сега во моментов бараме и поддршка и од државата, затоа што многу мал број на студенти се запишаа на Технолошко-металуршкиот факултет. И покрај тоа што имаме многу добра соработка со индустријата, којашто дава стипендии за сите што ќе се запишат на металургија, бројот останува многу мал. Последната година беа шест, од кои само тројца продолжија во втора година. Нема интерес“, заклучи Начевски.

Инаку, во 2022 година имало 6678 работници во рударството, а бројката паднала на 4.364 во 2025 година. Негативниот тренд се забележува и во секој месец од 2026 година.