
Интензивна борба со шумскиот пожар што избувна во близина на селото Моране, во општина Студеничани. Поради тешко пристапниот и ризичен терен, во гаснењето се вклучени и воздухопловни сили, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во операцијата се ангажирани три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, кои од воздух дејствуваат врз огнените жаришта.
Според ЦУК, авионите се насочени кон зоните каде што интервенцијата од копно е невозможна или претставува преголем ризик за екипите поради конфигурацијата и тешката пристапност на теренот.
Истовремено, екипите на терен продолжуваат со активностите и се во постојана координација со сите структури вклучени во справувањето со пожарот.
Главната цел на интервенцијата е огнената стихија што побрзо да биде ставена под контрола, локализирана и целосно изгасната, како и да се спречи нејзино понатамошно ширење.
Од ЦУК нагласуваат дека приоритет е и заштитата на жителите во околината и нивниот имот.


