
Македонија денеска се соочува со најголем број истовремено активни пожари ова лето. Според информациите до 17 часот на 12 август, на територијата на државата се активни вкупно 21 пожар.
Пожарите се регистрирани во повеќе општини, а гори ниска вегетација, шума, грмушки, ниви и други површини. Сите расположливи екипи се на терен и интервенираат на погодените локации.
Еден од пожарите е во Општина Македонски Брод, на местото Видуш во близина на селото Драгов Дол, каде што гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Во Општина Студеничани активен е пожарот над селото Моране, кон Вртекица и Рамни Габер, каде што е зафатена мешана шума. Втор пожар на територијата на истата општина има кај Батинци, каде што гори ѓубре.
Пожари има и во Илинден, кај населбата Илинден, во Желино кај Чифлик, во Зелениково кај Строхијадица, како и на две локации во Кичевско – кај Осој, каде што е зафатена плевна, и кај Манастирско Доленци, каде што гори шума.
Активни пожари се регистрирани и во Дебрца, на потегот од Климештани кон Ботун, во Јегуновце кај Копанце, во Тетово кај Џепчиште, како и во Теарце кај Пршовце.
Во Гостивар гори ниска вегетација во реонот кај „Глобал Балкан Груп“, додека пожар на ниска вегетација е регистриран и во Чаир, во близина на Специјалното училиште „Иднина“ и Поликлиника Чаир.
Пожари има и кај Тополчани во Прилепско, Маково во Општина Новаци, Врсаково во Штипско, Драгош во Битолско и во Центар Жупа.
На подрачјето на Скопје активен пожар има и кај железничката станица во Ѓорче Петров, а пожар на ниска вегетација е регистриран и на улицата „Гоце Делчев“.
Со вкупно 21 активен пожар до 17 часот, денеска е регистриран најголемиот број активни пожари во исто време ова лето.
Сите екипи се на терен и се работи на локализирање и гасење на огнените стихии.

