Skip to main content
Македонија

Се бара изворот на информацијата за ешерихија коли – повеќе лица повикани во полиција

12/08/2026  21:37

Повеќе лица попладнево биле повикани на информативен разговор во полициска станица по ширењето информации дека водата за пиење во Скопје наводно е загадена со бактеријата ешерихија коли, јавува телевизија Сител.

Информациите што се проширија меѓу граѓаните и на социјалните мрежи предизвикаа вознемиреност и загриженост околу безбедноста на водата за пиење во главниот град.

Според информациите објавени вечерва, Министерството за внатрешни работи веќе презема активности со цел да се утврди од каде потекнала информацијата, кој ја пласирал и на кој начин била проширена во јавноста.

Неофицијално, меѓу лицата повикани на информативен разговор се и две жени. Од нив, според информациите, се бара да појаснат како дошле до тврдењата за наводно присуство на ешерихија коли во водата и поради кои причини информацијата ја споделиле со други лица.

Засега нема официјални информации дали во рамки на постапувањето е утврдена евентуална одговорност на некое од повиканите лица.