Search

Робен заминува од Баерн: Ова беа величествени 10 години

Холандскиот фудбалер Арјен Робен на крајот на сезоната заминува од Баерн, по десет години во германскиот клуб. Кариерата најверојатно ќе ја продолжи во американската МЛС лига.

Робен ја потврди веста по победата на баварскиот великан на гости кај Вердер во Бремен.

„Ова беа величествени десет години во Баерн, но морам да кажам дека ова ми е последна сезона тука“, рече Робен кој во Бундеслигата постигна 98 голови и најверојатно до крајот на сезоната ќе стигне до 100.

Крилниот напаѓач додаде дека ова е крај на еден долг и добар период, но дека не планира да застане тука.

„Клубот се движи напред и морам и јас да продолжам понатаму, ова е крај на еден многу добар и долг период. Тоа не значи дека ќе застанам, нема да застанам“, истакна Робен.

Холанѓанецот кој наскоро ќе наполни 35 години има договор со Баерн до следното лето. Веќе со години се зборува дека Робен поради возраста би можело да ги напушти Баварците, но тој издржуваше и секоја сезона е еден од најважните играчи на најголемиот германски клуб.

Робен во Баерн стигна во 2009 година од Реал Мадрид за 28 милиони евра и со овој клуб освои седум титули во Бундеслигата, четири Купа на Германија, пет Суперкупа, Лигата на шампиони во 2013 година и Суперкупот на Европа истата година.

Освен за Баерн и за Реал Мадрид, има играно за Гронинген, ПСВ и за Челзи, а кариерата најверојатно ќе ја заврши на американско тло.

Треба да знаете
Последни објави