
Утре, 30 септември, со почеток во 10 часот, во сите скопски општини ќе се одржи голема еколошка акција за чистење на јавните површини, во која е најавено учество на неколку илјади волонтери.
Во акцијата ќе се вклучат скопските општини и градоначалниците, претставници на амбасади, ученици, спортисти, јавни личности, како и голем број граѓани.
Целта е преку заедничка акција да се исчистат и уредат јавните површини и да се поттикне поголема грижа за животната средина и просторот што секојдневно го користат граѓаните.
Организаторите најавуваат дека утрешното чистење нема да биде еднократна акција. Иницијативата е предвидено да продолжи двапати месечно, со намера редовното одржување на јавниот простор да прерасне во навика и заедничка одговорност.

Упатен е и повик до граѓаните да се приклучат на акцијата и со личен пример да придонесат за почисто, поуредно и поздраво Скопје.
