
Голема координирана акција на безбедносните служби била спроведена на 28 септември во Скопје, при што биле уапсени пет лица, а денеска против три лица е поднесена кривична пријава. Едно од нив е осомничено за тероризам и за делување во рамки на организација со идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС.

Акцијата ја спровеле Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во соработка со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според МВР, биле извршени претреси кај шест лица на вкупно 12 локации на подрачјето на Скопје, а пет лица биле лишени од слобода. АНБ претходно соопшти дека претресите биле спроведени и на локации во Сингелиќ, Чаир и селото Брест.
При акцијата бил пронајден поголем арсенал оружје и опрема. МВР соопшти дека биле одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка и рамка за неа, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек и радиоврски.
Меѓу одземените предмети било и официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди и мобилни телефони, како и поголема сума пари во денари и странска валута.
АНБ, пак, соопшти дека при претресите бил пронајден и пропаганден материјал од „Исламска држава“, компјутерски единици за „копање“ криптовалути и друга документација.
Во текот на претресите било откриено и неовластено користење електрична енергија, за што, според МВР, се преземаат дополнителни мерки согласно законските надлежности.
МВР соопшти и конкретни детали за сомневањата против 34-годишниот К.И. Според полицијата, тој во 2023 година започнал да дејствува во рамки на злосторничка организација – огранок со идеолошка матрица на ИСИС, со цел извршување кривични дела на територијата на Македонија.
Според наводите во кривичната пријава, К.И. вршел индоктринација на млади лица за остварување на целите на ИСИС, ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина, а набавувал и ракувал и со огнено оружје.
АНБ во своето соопштение наведува дека индоктринирањето млади лица било еден од начините на дејствување на групата. Според Агенцијата, одредени верски објекти во кои се практикувал радикален ислам, како и онлајн радикализацијата, биле користени како почетни точки за регрутирање млади лица, кои подоцна биле вклучувани во криминални активности.
Од АНБ групата ја опишуваат како верско-радикална групација поврзана со транснационални криминални организации и со насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија со наркотици и оружје и други криминални активности. Агенцијата тврди и дека дел од уапсените биле во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот.
Според МВР, К.И. (34), Б.А. (24) и Е.С. (30) формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција.
Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам денеска, 29 септември, до ОЈО за ГОКК поднел кривична пријава против тројцата.

К.И. е пријавен за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека Б.А. и Е.С. се пријавени за кривично дело поврзано со недозволено оружје и експлозивни материи.

