Skip to main content
Свет

Тајфун ја погоди јужна Кина, евакуирани над 715.000 луѓе

26/07/2026  11:01

Тајфунот Ноул рано утрово ја погоди јужна Кина, носејќи силни ветрови и обилни дождови, кои го погодија и Хонг Конг во текот на викендот. Бурата расели повеќе од 715.000 луѓе во покраината Гуангдонг, додека властите го подигнаа нивото на тревога и стотици летови беа откажани.

Кинескиот национален метеоролошки центар соопшти дека тајфунот Ноул стигнал до копното околу 3:50 часот по локално време по должината на брегот на градот Хуиџоу, во покраината Гуангдонг. Кинеската државна новинска агенција Синхуа соопшти дека Ноул е најсилниот тајфун што ја погодил Кина оваа година.

Опсерваторијата во Хонг Конг соопшти дека Ноул, со максимални ветрови од 110 километри на час, се движи кон внатрешноста на покраината Гуангдонг и постепено слабее, но сепак носи силни ветрови и обилни дождови во делови од регионот.

Железничкиот сообраќај во таа покраина беше запрен во текот на неделата.

Државната телевизија CCTV објави дека голем број дрвја се соборени од бурата во крајбрежниот округ Хуилаи.

Аеродромските власти во Хонг Конг објавија дека денес се откажани околу 350 летови. Според локалните власти, најмалку девет лица се повредени за време на минувањето на тајфунот.