Skip to main content
Македонија

Левица: Утре ДПМНЕ ќе го гласа ребалансот со кој секој десетти денар е позајмен

26/07/2026  11:22

Соопштение за јавност на Левица:

Утре, на собраниската седница, власта ќе побара од пратениците да го изгласаат ребалансот на Буџетот за 2026 година – документ со кој расходите се искачуваат на 425,2 милијарди денари, додека буџетскиот дефицит расте од 39,2 на 46,1 милијарда денари, односно на 4,1% од БДП. За покривање на дефицитот и отплата на обврските се предвидуваат 76,4 милијарди денари “ново финансирање”.

Тоа значи дека речиси секој десетти денар што власта ќе го потроши е позајмен. Од вкупното финансирање, над 54 милијарди денари, или околу 71%, се врзани за странски кредитори. Само каматниот товар изнесува повеќе од еден милион евра дневно – уште пред да се отвори првиот шалтер, да започне првиот час во училиште или да биде прегледан првиот пациент, државата веќе натрупала нова милионска сметка.

Власта истовремено ги зголемува капиталните расходи за околу 5,8 милијарди денари, иако до крајот на мај реализацијата на веќе планираните капитални инвестиции изнесувала само 38,5%. Значи, не се решава неспособноста да се реализираат постојните проекти, туку на хартија се додаваат нови милијарди за нови прес-конференции, ленти и предизборни ветувања.

Во истиот ребаланс се наоѓаат две милијарди денари за прикривање на неспособноста на вмровските градоначалници и уште 200 милиони денари за “изборна опрема”.

Ребалансот ја открива целата филозофија на оваа власт – задолжувањето е државно, користа е партиска, а сметката е народна. Секој жител годинава се задолжува за приближно 680 ЕУР, но граѓаните нема да добијат институции посилни за 680 ЕУР, подобро здравство, подостоинствена социјална заштита или побезбедни градови. Ќе добијат камати што ќе ги плаќаат дури и генерации кои денес немаат ниту право на глас.

Левица поднесе амандмани за противпожарна заштита, планинска безбедност и спасување, реконструкција на спортски објекти, поддршка на младите и врвните спортисти, државно домување, земјоделски откупни центри, шелтер-центри и сервиси за жртви на насилство, канализациски и пречистителни системи, санација на депонии и јаловишта, заштита на културното наследство, домашна образовна и културна продукција, научноистражувачки капацитети и низа други конкретни јавни потреби.

Сите амандмани на Левица беа одбиени, освен еден кој беше делумно прифатен.

ДПМНЕ утре ќе гласа документ во кој задолжувањето е прогласено за развој, а ниската реализација се прикрива со нови ветувања. Ќе побара од народот да ја плати нивната неспособност, од младите да ги отплаќаат нивните долгови и од идните генерации да ги покриваат денешните политички калкулации.