
Проф. д-р Андреј Петров, гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, ги отфрли тврдењата дека иницијативата во која учествува е поврзана со премиерот Христијан Мицкоски или дека дејствува во интерес на актуелната власт.

Петров нагласи дека ниту тој, ниту Игор Ивановски, ниту останатите луѓе вклучени во иницијативата имаат причина да бидат дел од каква било политичка структура поврзана со власта.
„Немаме зошто да бидеме ничија испостава. Тој е наш политички противник, премиер во моментот на нашата земја, на сите наши граѓани“, рече Петров.
Тој беше дециден дека со Мицкоски немаат ниту комуникација, ниту каква било форма на соработка.
„Со него немаме никаква, ниту комуникација, ниту соработка, ние со него не сме се гледале“, изјави Петров.
Одговарајќи на тврдењата дека одредени луѓе во минатото имале средби со Мицкоски, Петров рече дека станува збор за индивидуални одлуки кои не можат да се поврзуваат со целата иницијатива.
„Друг се гледаше со него, тој што прашува, тој се гледаше. Дури се гледаше во еден период и доста фреквентно. Меѓутоа, тој е негов избор. Секој човек на крај одлучува како ќе прави“, рече Петров.
Петров повтори дека иницијативата не претставува нова политичка партија и дека луѓето вклучени во неа не се продолжена рака на друга политичка структура.
Тој се осврна и на односите меѓу поранешни членови и функционери на СДСМ, посочувајќи дека дел од луѓето кои денес дејствуваат надвор од партијата во одреден период формирале свои политички субјекти.
Петров ја отфрли тезата дека индивидуалните политички контакти или одлуки на поединци може да се користат како доказ дека иницијативата соработува со актуелната власт.

Според него, целта е да се отвори процес на разговори и промени во опозицискиот политички простор, а не иницијативата да биде инструмент на власта или на која било друга политичка структура.

