
Проф. д-р Андреј Петров тврди дека околу 90 проценти од пратениците на СДСМ вербално ја поддржуваат иницијативата за промени во партијата, но поради специфичната позиција во која се наоѓа пратеничката група, иницијаторите не сакаат дополнително да ги изложуваат на притисок.
Петров, во гостувањето на 4ТВ, нагласи дека односите со пратениците на СДСМ остануваат колегијални и пријателски и дека иницијативата нема намера да отвора конфронтација со нив.
Според него, пратеничката група е мала и се наоѓа во деликатна политичка ситуација, поради што не сакаат со своите активности да им создадат дополнителни проблеми или да им нанесат штета.
„Тие се наши другари и пријатели и ги повикавме на разговор. Немаме никаква намера да се расправаме со нив ниту да им правиме штета во оваа специфична ситуација. Ние ги застапуваме истите вредности, а времето најдобро ќе покаже кој бил во право“, истакна Петров.

Тој порача дека комуникацијата со пратениците ќе продолжи, нагласувајќи дека, и покрај различните позиции околу начинот на кој треба да се спроведат промените, меѓу нив постојат заеднички вредности.


