Skip to main content
Македонија

НЕ ОТВОРАЈТЕ ПРОЗОРЦИ: Густ чад и силна миризба на изгорено низ Скопје

06/09/2026  17:39

Жителите на повеќе делови од Скопје повторно се соочуваат со густ чад и силна миризба на изгорено, кои во попладневните часови се чувствуваат низ градот.

Според информациите од терен, чадот доаѓа од големиот шумски пожар што беснее во пограничниот регион кон Косово, во атарот на селото Грачани, како и од нов пожар на Скопска Црна Гора, на местото викано Рамно.

Ветерот дополнително го разнесува чадот кон скопската котлина, поради што над делови од градот е формирана густа сивкаста завеса. Видливоста кон околните планини е значително намалена, а миризбата на изгорено се чувствува на повеќе локации.

Граѓани реагираат дека престојот на отворено е отежнат поради чадот и непријатната миризба, а глетката над Скопје покажува дека значително количество чад се задржува над котлината.

Состојбата дополнително може да се менува во зависност од правецот и интензитетот на ветерот, како и од развојот на пожарите.