
Соопштение за јавност на Левица:
Постојат политички чинови што се мерат во дневни поени, и постојат чинови што се мерат во историски пресуди. Одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициско обединување околу една изборна единица припаѓа на вториот вид и претставува свесна саботажа!
СДСМ останаа цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за Изборниот законик да остане недопрен – како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица. Секој од нив, преку многумандатни изборни единици нацртани со хируршка прецизност тежнеат да ја заштитат сопствената положба и обезбедуваат пратенички места несразмерни со реалната тежина што ја имаат кај граѓаните.
Секој обид Изборниот законик реално да се допре во суштината, наидува на идентична одбрана – различна по реторика, идентична по исход. ДПМНЕ игра една улога, СДСМ друга, но резултатот е секогаш ист. Опозициско обединување за една изборна единица би можело конечно да го скрши тој циклус, да наметне заедничка сила пред авторитарната власт на ДПМНЕ. Но, СДСМ гледајќи поголем ризик во непочитувањето на договорот со Мицкоски, отколку во непочитувањето на ставот на нивното членство и нивните принципи – одлучи идејата да згасне уште во зародиш.
Ако некому му треба доказ дека овие раководства на партиите не се непријатели, туку партнери во распределбата на моќ, доволно е да се осврнеме на вчерашната ослободителна пресуда за Груевски во предметот „Талир 2″ и одбивањето за конфискација на Белата палата. Правната подлога за таа пресуда и уште многу други застарени предмети за функционери од ДПМНЕ – директно произлезе од скандалозните измени на Кривичниот законик од 2023 година кои СДСМ и ДПМНЕ заедно ги донесоа. Истите раководства кои јавно глумат непомирлив судир, во пракса, кога станува збор за заштита на функционери, амнестии или за заштита на изборен систем што им оди во прилог, наеднаш пронаоѓаат заеднички јазик, тактика и кворум.
Овие две партии веруваат дека со тоа истовремено ѝ штетат на Левица и си обезбедуваат сопствен опстанок – преку изборниот модел и повторната не можност за политичко рекламирање на Левица (како единствена партија на која тоа право и е ускратено). Меѓутоа, се лажат.
Договорите зад затворени врати можат да го отежнат патот, но не можат да ја избришат сѐ поголемата поддршка од народот. Скопје веќе покажа дека таа поддршка не чека дозвола од Собранието за да се манифестира.
Секој нов договор помеѓу СДСМ и ДПМНЕ само го продлабочува јазот за тоа што овие партии сè уште мислат дека контролираат и тоа што реално веќе им се лизга од раце.

