Skip to main content
Скопје

ВЕЧЕРВА ФАТЕН НА ДЕЛО ВО КИСЕЛА ВОДА: Фрлал шут и кабаст отпад – веднаш санкциониран

20/09/2026  00:32

Лице било затекнато на самото место додека фрлало градежен шут и кабаст отпад околу контејнери во скопската општина Кисела Вода, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Според неговата објава, случајот бил откриен доцна вечерта од инспекторите на Град Скопје, кои го затекнале лицето како со отпадот создава дива депонија. Ѓорѓиевски наведува дека лицето веќе е санкционирано.

„На лице место фатен како создава депонија! За секоја ваква постапка нема толеранција!“, порача Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека, додека градските екипи работат на расчистување и одржување на хигиената во Скопје, дел од граѓаните со несовесно однесување повторно создаваат отпад на јавните површини.

Според градоначалникот, ваквите случаи нема да поминуваат без санкции, а најави и засилено присуство на инспекциските служби.

„Јасно кажав и останувам на зборот – нулта толеранција за секој што ги претвора јавните површини во депонии и го загрозува здравјето на граѓаните“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој информира дека инспекторите на Град Скопје се на терен 24 часа, а паралелно е во тек и постапка за поставување камери на јавните површини. Според најавата, целта е прекршителите кои непрописно фрлаат отпад побрзо да бидат откривани и санкционирани.

„Скопје е наш заеднички дом. Да се однесуваме одговорно“, порача скопскиот градоначалник.