
Никола Ќуркчиев, еден од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ и поранешен висок функционер на СДСМ, денеска повторно ги демантираше обвинувањата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, поврзани со тендер вреден 1,6 милиони евра и најави правосудна постапка.
Ќуркчиев тврди дека документот со посебна графа во кое стои неговото име, кој бил презентиран во јавноста во контекст на обвинувањата, е фалсификуван и најави дека поради тоа ќе поднесе кривична пријава.
„Покажаа фалсификуван документ со отпосле додадено мое име и презиме и за тоа кривично ќе одговараат“, рече Ќуркчиев.

Тој ги отфрли и тврдењата дека има сопственичка или одлучувачка улога во компанијата која го добила тендерот. Според неговото објаснување, во компанијата е ангажиран хонорарно како машински инженер кој говори грчки јазик и не е овластено лице, ниту можел да влијае на било каков начин на било која набавка.
Ќуркчиев соопшти дека лично бил на Бихаќка да достави опомена пред тужба и побарал извинување од Филипче во рок од осум дена, кои истекуваат деновиве. Најави дека ќе преземе соодветни правни чекори и во однос на Филипче поради јавно изнесените обвинувања и неосновани поврзувања со ВМРО-ДПМНЕ кои имале за цел да го нарушат неговиот углед и личен интегритет.
Спорот започна откако Филипче јавно објави дека фирма која, според него, ја претставува и со која соработува Ќуркчиев добила тендер од ЈП за железничка инфраструктура во вредност од 1,6 милиони евра. Филипче тогаш го постави и прашањето за политичката заднина и тајмингот на договорот, поврзувајќи го со активностите на Платформата.

Ќуркчиев, пак, ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека неговиот ангажман во компанијата е исклучиво хонорарен и професионален, без сопственичка или управувачка функција.
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ продолжува со своите активности во сабота во 12:05 часот во хотелот „Стоун Бриџ“.
Според најавата, на средбата ќе се разговара за клучните предизвици со кои Македонија се соочува од независноста до денес, направените грешки и постигнатиот напредок, како и за начинот на практикување на власта.

Меѓу темите ќе бидат и научените лекции од минатото, можните патишта за иднината и потребата од нов општествен договор со кој, според организаторите, Македонија би се вратила на стратешкиот колосек.

