
ФБИ соопшти дека Северна Кореја е одговорна за кибернападот во кој беа украдени дигитални средства од берзата за криптовалути „Бајнанс“ (Binance) во вредност од околу 6,3 милијарди долари, јавува ДПА.

ФБИ го припиша нападот на севернокорејските хакери кои припаѓаат на групата „TraderTraitor“.
И компанијата за анализа на блокчејн „TRM Labs“ претходно за одговорни за нападот ги посочи членовите на истата група. Според „TRM“, напаѓачите префрлиле поголем дел од 6,3 милијарди долари во рок од 20 минути, очигледно во обид да спречат замрзнување на средствата.
ФБИ соопшти дека „забележало актери на „TraderTraitor“ кои ги конвертираат украдените средства“ првенствено во етериуми (Ethereum).
„Се очекува овие средства потоа дополнително да се перат со конвертирање со користење на DeFi и услуги за инстант размена додека ги подготвуваат за понатамошни фази на перење“, се наведува во соопштението на ФБИ, пренесено од германската агенција.
„Бајнанс“ на Икс соопшти дека досега покриле околу 90 отсто од средствата украдени во нападот. Останатите 10 отсто се состојат од токени што се помалку ликвидни, што значи дека може да потрае подолго за да се откупат, соопшти компанијата.
„Бајнанс“ ќе го апсорбира финансискиот импакт од овие украдени средства, а не нашите корисници.“
Се верува дека кибернападот е најголемата кражба досега од некоја берза за криптовалути, пренесува ДПА.


