
Министерот за здравство Азир Алиу во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ се осврна на најавената реконструкција на Владата и можноста промените да го опфатат и Министерството за здравство. Тој порача дека политичките функции се минливи и дека неговиот фокус отсекогаш бил насочен кон резултатите, а не кон времетраењето на мандатот.
Алиу, кој една година и една недела ја извршува функцијата министер за здравство, истакна дека здравството е еден од најчувствителните ресори, каде секојдневно се носат тешки одлуки и се решаваат проблеми од кои зависат човечки животи.
„Здравството е исклучително сензитивен сектор. Секојдневно се соочуваме со разни, честопати тажни приказни, но и со лажни вести од различни, вклучително и политички причини. Од првиот ден размислувам на ист начин – не треба да се грижам колку долго ќе бидам министер, туку што ќе направам додека сум на оваа позиција. Функциите се менливи. Мојот пристап е да решам барем еден проблем повеќе во денот“, изјави Алиу.
Тој нагласи дека Министерството за здравство е сложен систем со голем број здравствени установи, вработени и пациенти, поради што секој проблем заслужува подеднакво внимание, без разлика дали станува збор за крупни системски прашања или за секојдневни предизвици.
Осврнувајќи се на најавената владина реконструкција, Алиу рече дека тоа е политички процес кој не зависи од поединечните министри, туку од пошироките политички проценки и потребата за подобрување на политичката клима.
„Реконструкцијата е политички процес чија цел е подобрување на политичката клима во државата. Во тој контекст се оценуваат капацитетите на министерот, на институцијата и промените што се прават. Од таа гледна точка, јас сум задоволен од она што го постигнавме во овој период од една година и една недела“, рече министерот.
Алиу порача дека неговата амбиција не е поврзана со останување на функцијата, туку со создавање стабилен и одржлив систем кој ќе продолжи да функционира и по евентуална промена на раководството.
„Ако го задржам мандатот и ја имам честа да ја водам институцијата, ќе продолжам со истиот ентузијазам и енергија. Ако не, верувам дека воспоставивме систем кој тој што ќе дојде по мене нема да може да го врати назад. Нормално е секој нов министер да дојде со свои приоритети, но клучните столбови на институцијата сега се поставени и тие не можат да се уназадат“, заклучи Алиу.

