
Министерот за здравство Азир Алиу во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ најави сеопфатна законска реформа која, според него, треба трајно да го промени функционирањето на македонскиот здравствен систем и да го заштити од идни политички влијанија.
Тој откри дека Министерството за здравство работи на пакет од 15 законски решенија – 11 измени на постојни закони и четири целосно нови закони – со кои ќе се постават нови правила за дигитализација, управување со човечките ресурси и транспарентноста во здравството.
Како доктор по компјутерски науки, Алиу истакна дека дигиталната трансформација е еден од главните столбови на реформите и дека новата законска рамка ќе ја направи неповратна.
„Хартијата веќе нема да биде главен документ во здравството, туку само спореден. Главен документ станува дигиталниот потпис, дигиталниот процес и електронското досие на пациентот. Со закон точно дефинираме дека хартија ќе се користи исклучиво доколку паднал системот или има некаков застој. Таа промена е веќе воспоставена и секој следен министер ќе мора да ја почитува, бидејќи системот едноставно не може да се врати назад“, изјави Алиу.
Тој нагласи дека здравствениот систем мора да се планира долгорочно, поради што при крај е изработката на две национални стратегии – Националната стратегија за дигитална трансформација на здравството и Националната стратегија за човечки капацитети.
Во рамките на реформите, Министерството за здравство, во соработка со Министерството за образование, воведува нов модел за планирање на медицинскиот кадар, кој треба да обезбеди подобра усогласеност меѓу образовниот систем и реалните потреби на здравствените установи.
„Точно ќе се знае зошто се отвора едно слободно столче во средното медицинско образование или на факултетите за медицина, фармација и стоматологија. Но, што е уште поважно – кога тој студент ќе заврши, точно ќе се знае неговото работно место. Директорите на болниците повеќе нема да можат да отвораат специјализации и субспецијализации само затоа што така им текнало. Специјализациите ќе се планираат најмалку пет години однапред, согласно потребите на институциите“, објасни министерот.
Како трет столб на реформите, Алиу ја посочи транспарентноста и отчетноста, нагласувајќи дека тие веќе стануваат составен дел од функционирањето на Министерството за здравство.
„Овие процеси ме исполнуваат и како човек и како министер. Јас ви гарантирам дека кој и да дојде по мене, јавноста и пациентите веќе сами ќе ги бараат овие вредности. Ова повеќе не зависи од министерот. Ова се системи во воспоставување кои веќе даваат резултати и јавноста едноставно нема да дозволи да се откаже од нив“, заклучи Алиу.

