Skip to main content
Македонија

Пожар во „8 Септември“: Евакуирани пациентите од ортопедија, гореле инвалидски колички

20/11/2026  12:03

Пациентите од Одделението за ортопедија во скопската Градска општа болница „8 Септември“ утрово биле евакуирани откако избувнал пожар на вториот кат. Според противпожарната бригада, нема повредени, а огнот е изгаснат.

Командирот на скопската противпожарна бригада Ѕвонко Томески изјави дека гореле инвалидски колички на тераса од болничка соба. По повикот преку бројот 112, кон болницата биле упатени четири противпожарни возила. Тој појасни дека не станува збор за запалена електрична инсталација.

Од Центарот за управување со кризи потврдија дека пожарот е локализиран и нема опасност од негово понатамошно ширење.

Според болнички извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, густиот чад навлегол во одделението, по што вработените ги евакуирале пациентите. Истиот извор наведува дека дел од медицинскиот персонал примал кислородна терапија поради вдишување чад.