
Иако во летните горештини повеќето посегнуваат по ладни пијалоци, експертите велат дека топлите пијалоци, како чајот, можат да бидат поефикасни за разладување. Истражување од 2012 година, спроведено на Универзитетот во Отава, покажало дека пиењето топол пијалок може да ја намали телесната температура, но само во суви услови.
„Ако пиете топол пијалок, тоа резултира со помалку складирана топлина во вашето тело, под услов дополнителната пот што се создава да може да испари,“ објаснува д-р Оли Џеј, еден од авторите на студијата.
Причината е зголеменото потење – кога потта испарува од кожата, таа ја апсорбира топлината и го лади телото. Иако потењето може да делува непријатно, тоа е природен механизам за разладување, особено во топли и суви клими.