Skip to main content
Македонија

НАЈНОВИТЕ АНАЛИЗИ ПОТВРДИЈА: Водата во Скопје е безбедна за пиење

12/08/2026  17:36

Водата од градскиот водоснабдителен систем во Скопје е микробиолошки исправна и безбедна за пиење, покажуваат најновите лабораториски испитувања спроведени од Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Според Извештајот од тестирање бр. 6637, изработен на 11 август 2026 година, испитаниот примерок земен од водоснабдителниот систем на Град Скопје, на локацијата кај Пивара, ги исполнува пропишаните стандарди за квалитет.

Земањето и лабораториското тестирање на примерокот биле извршени истиот ден, согласно акредитираниот стандард МКС EN ISO 19458:2009 за микробиолошка анализа на вода.

Направените PCR анализи покажале нула присуство на испитуваните штетни бактерии. Резултатите покажале 0 GC/μl за Enterobacteriaceae и 0 GC/μl за Pseudomonas aeruginosa.

Во заклучокот од лабораториското тестирање се наведува дека во испитуваниот примерок не е детектирано присуство на геномски копии од колиформни бактерии, Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa.

Примерокот бил доставен од Тихомир Штакиќ, додека приемот и лабораториските испитувања биле одобрени од раководителот на Одделението за санитарна контрола, Ивица Тодоровски. Конечниот извештај бил потпишан и верификуван од раководителката на Секторот за санитарна контрола, Емилија Аневска.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје посочуваат дека Секторот за санитарна контрола работи согласно меѓународниот систем за квалитет ISO/IEC 17025:2017.

Резултатите од најновото испитување потврдуваат дека анализираниот примерок од скопскиот водоснабдителен систем е микробиолошки исправен и дека водата може безбедно да се користи за пиење и секојдневни потреби.