
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја изрече првата глоба за напуштање новородени животни во Македонија. Скопјанец кој оставил легло со мали мачиња во парк во близина на трговски центар е казнет со 550 евра во денарска противвредност.
Случајот бил откриен благодарение на граѓанин кој го забележал напуштањето на животните и го пријавил до ЈП „Лајка“. Тој доставил и фотографии и видеоснимки со кои било документирано оставањето на мачињата.
По добиената пријава, официјален ветеринар на АХВ извршил вонредна инспекциска контрола. За да се утврди идентитетот на лицето кое ги донело и ги оставило животните, биле побарани податоци од Министерството за внатрешни работи.
Сторителот бил идентификуван преку регистарските таблички на возилото со кое мачињата биле донесени на локацијата.
На скопјанецот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност, согласно член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство.
Од АХВ нагласуваат дека пријавите од граѓаните се од особено значење за откривање и санкционирање на ваквите случаи. Апелираат секој што ќе забележи напуштање животни да го пријави случајот и, доколку е во можност, да обезбеди фотографии, видеоснимки или други докази.
Напуштањето животни може да се пријави на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222, која е достапна 24 часа дневно, како и преку електронска пошта.


