Search

Нов тренер, нов Погба: Французинот „процвета“ со Солскјер

Препирањата меѓу Пол Погба и Жозе Мурињо, кој неодамна доби отказ од челниците на Манчестер Јунајтед, беа главната причина за слабиот учинок на францускиот репрезентативец.

И додека фудбалскиот свет шпекулираше дали играта на Погба венее поради лошите односи со тренерот, промената на клупата на Јунајтед ги даде одговорите: Мурињо фрлаше сенка на Погба.

Французинот се чини одново процвета со новиот тренер.

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед вчера го победија Борнмут со 4:1 во 20-тото коло од Премиер лигата.

Францускиот играч за врска одигра уште еден одличен натпревар откако на клупата на „црвените ѓаволи“ седна Оле Гунар Солскјер.

Погба два пати ја затресе противничката мрежа на овој натпревар. Прво во петтата минута по одличното додавање од Рашфорд, Французинот „пушти нога“ и ја проследи топката кон голот.

А до вториот погодок не се чекаше долго. Ерера прати совршен центаршут во казнениот простор, а таму Погба беше највисок и со фантастичен удар со глава го совлада Асмир Беговиќ.

Јунајтед продолжи со динамична игра и во 45-тата минута резултатот беше 3:0. Борнмут успеа да ја намали разликата на 3:1 во втората минута од продолжението, но момците на Солскјер беа неуморни.

На асистенција на Погба, Лукаку го постави конечниот резултат од 4:1 во 72. минута.

Ова беше трета победа на Јунајтед по ред и има 35 бодови, а Борнмут е 12-ти со девет поени помалку.

Екипата од Олд Трафорд во наредното коло гостува кај Њукасл.

Треба да знаете
Последни објави