Search

Нејмар: Судијата нема почит, ми кажа нешто што не смееше да ми го каже

Синоќа ПСЖ стигна само до нерешен резултат против тимот на Наполи во рамките на групната фаза на Лигата на шампионите, а играчите на францускиот тим имаа многу критики за главниот судија на натпреварот, Бјорн Кујперс.

Нејмар беше најгласен во критиките за холандскиот судија и отиде до степен да го наречење судењето „срамно и без почит“.

Бразилската ѕвезда доби жолт картон во продолжението од натпреварот против Наполи откако му довикна на судијата Кујперс дека играчите во живиот ѕид на противничкиот тим не се дисциплинирани и се на пократко растојание од пропишаното. Веднаш по жолтиот картон Нејмар му даде саркастичен аплауз на судијата, со што ризикуваше да добие исклучување, но Кујперс реши да го толерира.

„Судијата ми кажа нешто што не смееше да го каже. Тој воопшто нема почит“, изјави Нејмар по натпреварот, инсистирајќи дека судијата користел недоличен речник.

Во текот на целиот натпревар судењето беше дискутабилно, во најмала рака. Најконтроверзната ситуација во мечот се случи пред израмнувачкиот гол на Наполи, кога судијата дозволи играта да продолжи иако Каљехон се наоѓаше во офсајд позиција, што потоа резултираше во пенал за домашниот тим кој Инсиње лесно го реализираше.

„Пеналот на Наполи дојде од акција во која требаше да биде досуден офсајд. Плус, ние требаше да добиеме пенал. Резултатот можеше да биде многу различен на некој друг ден, но мора да го прифатиме и да продолжиме понатаму“, изјави Тухел по натпреварот.

Наполи и Ливерпул ја делата првата позиција во групата со по шест бодови, додека зад нив се ПСЖ со пет и Црвена Ѕвезда со четири бодови. Во следниот натпревар ПСЖ ќе ги одмери силите со Монако, додека во наредното коло од групната фаза на ЛШ францускиот тим ќе игра на домашен терен против Ливерпул.

Треба да знаете
Последни објави