Search

Јунајтед верува во Мурињо и после катастрофалниот пораз од Тотенхем

И покрај убедливиот пораз од Тотенхем на Олд Трафорд со 3:0, Жозе Мурињо и понатаму ја има поддршката од управата на Манчестер Јунајтед.

Јунајтед освои само три поени во првите три кола на отворањето од новата сезона во Премиер лигата, што за најтрофејниот клуб од Островот е најлош почеток во последните 25 години.

Токму поради тоа актуелниот тренер на „Црвените Ѓаволи“, Жозе Мурињо, се наоѓа под голем медиумски притисок, бидејќи постојано е посочуван како тренерот кој е прв кандидат за да добие отказ во Премиер лигата оваа сезона.

Од друга страна пак, навивачите се чини дека и понатаму веруваат во „Специјалниот“, откако со аплауз го поздравија Португалецот и неговите играчи после тешкиот пораз од Тотенхем во понеделник навечер.

„Минатата година загубивме овде од Севиља и добивме свирежи кои апсолутно ги заслуживме, бидејќи не бевме добри. Не бевме опасни. Сега играчите останаа на теренот после поразот на свој стадион и добија аплаузи, бидејќи тие го заслужија тоа“, изјави Мурињо после мечот со лондонскиот ривал.

Како и да е, дури и покрај овој катастрофален пораз, управата на клубот, а се чини и поголемиот дел од навивачите и понатаму веруваат во Португалецот, па извесно е дека и покрај лошите резултати тој ќе остане на чело на клубот.

Мурињо го презема Јунајтед на лето 2016 година, а ги освои Лига купот и Лига Европа во својата прва сезона, но во Премиер лигата тогаш заврши дури на шестото место.

Минатата сезона „Црвените Ѓаволи“ ја завршија како втори, меѓутоа со голем заостаток зад градскиот ривал Манчестер Сити.

Јунајтед следниот викенд му гостува на Барнли, каде тимот на Мурињо едноставно мора да победи, доколку сака да остане со шанси за борба за горниот дел од табелата.

Треба да знаете
Последни објави