Skip to main content
Македонија

Жените сe 39,2 отсто застапени во Собранието, но само 15 отсто во Владата

29/09/2026  12:00

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека во периодот од 2020 до 2024 година не биле воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт 

Иако жените претставуваат 57,5 отсто од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, на раководни позиции најчесто се именувани мажи, што укажува дека поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување, констатираат од ДЗР по извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“.

Извршената анализа покажува дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во Собранието. Во периодот 2007–2024 година учеството на жените пратенички се движи од 30 отсто до 43 отсто, а во 2024 година изнесува 39,2 проценти.

Државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83 отсто од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ е на прво место. Сепак од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година, ниту една жена не е избрана за претседател на Собранието. Во актуелниот парламентарен состав има една жена потпретседател, а со Деловникот од 2023 година е воведена позитивна мерка со која најмалку еден од потпретседателите треба да биде од помалку застапениот пол, се наведува во соопштението од ДЗР.

Според ревизорите поинаква е состојбата во извршната власт. Законот за Владата и Деловникот не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите. За разлика од парламентот, каде постои правно обврзувачка квота, составот на извршната власт зависи од предлогот на мандаторот. Во периодот 2014–2024 година учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14 отсто до 31 отсто, како заменик-министерки од 7 отсто до 25 отсто, а како државни секретари од 6 отсто до 31 отсто. Во составот на Владата 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само 3 се жени, односно 15 проценти, додека од петте заменици на претседателот на Владата нема ниту една жена, посочуваат од ДЗР.

Со ревизијата е утврдено дека недостигаат унифицирани механизми за избор и именување на лица на раководни функции во органите на централната власт. Именувањето се врши согласно различни закони, а во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што влијае врз транспарентноста на процесот. Уште во 2019 година бил изработен предлог закон со кој треба да се уреди високата раководна служба, постапката за избор и пополнување на високите раководни места, одговорноста и управувањето со учинокот на високите раководители.

Во мај 2026 година до Собранието е доставен Предлог на закон за високи раководители, кој предвидува еднаков пристап до функциите, избор според заслуги и професионално, транспарентно и непристрасно именување. Предлогот предвидува и грижа за родова еднаквост врз основа на стручност и компетентност.

Во институциите каде што раководни лица именува Собранието, Владата и дел од ресорните министерства, не е обезбеден принцип на родова еднаквост како што е тоа случај со дел од именувањата во надлежност на Претседателот на државата.

Стратегијата за родова еднаквост 2022–2027 година ја препознава потребата од еднакво учество на жените во донесувањето одлуки на сите нивоа во политичкиот и јавниот живот. Сепак, утврдените индикатори не се доволно прецизни, и не се дефинирани конкретни мерки за дејствување и механизми за следење и отчетност на највисоките национални нивоа на управување.

Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање  формиран од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади во 2022 година,  во својата програма има утврдено дека една од целите на обуките е  да се промовира и влијае на учеството на жените и еднаквите можности за лидерство, но утврдивме дека во 2024 година не спровел обуки конкретно насочени кон развој и унапредување на жените за лидерски позиции.

Во документацијата за реализирани обуки за периодот 2022–2025 година,како што посочуваат, не се идентификувани програми или активности конкретно насочени кон жени лидери во политиката, парламентот или на раководни функции во органите на централната власт.

Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високи раководни функции ревизијата го издвојува говорот на омраза, особено во онлајн просторот.

Говорот на омраза е една од најголемите пречки за учество на жените на високи раководни функции, бидејќи има негативно влијание  врз нив и врз членовите на нивните семејства и може да ги одврати од прифаќање раководна функција.

Создавањето сигурна средина за учество на жените во јавниот, политичкиот и професионалниот живот е предуслов за демократско управување и квалитетни јавни политики.

Со цел отстранување на утврдените слабости и создавање услови за поголемо учество на жените во политиката и на високите раководни позиции, дадени се  препораки до Собранието, Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и политичките партии.

Препораките се насочени кон утврдување конкретни и мерливи мерки во Стратегијата за родова еднаквост, подобрување на координацијата меѓу институциите, воспоставување механизми за следење и евиденција, зајакнување на лидерските капацитети на жените, обезбедување родова еднаквост при именувањата и создавање сигурна средина за учество во политичкиот и јавниот живот.

Државниот завод за ревизија оценува дека е потребно да се воспостави одржлив систем кој ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и сигурна средина за жените да учествуваат во политиката и да преземаат високи државни раководни функции.