
Двајца државјани на Тајван, 50-годишна жена и 37-годишен маж, попладнево биле пронајдени мртви во стан во скопската населба Кисела Вода. Случајот го потврди Министерството за внатрешни работи, а телата се предадени на обдукција за да се утврдат причините за смртта објави Плусинфо
Станува збор за Ч.Т.Ј. (50) и Ш.Л.Ф. (37), двајцата државјани на Тајван.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен денеска околу 13:50 часот, откако Н.М. во стан ги пронашла својата мајка и сопругот на нејзината мајка.
Двајцата претходно биле пријавени за исчезнати. Ќерката на починатата жена доцна синоќа се обратила во полиција бидејќи не можела да стапи во контакт со нејзината мајка и очувот.
По пријавата, полицијата започнала со проверки, а денеска двајцата биле пронајдени во станот.
На местото веднаш излегле полициски екипи од СВР Скопје, а лекар од Институтот за судска медицина ја констатирал смртта на мажот и жената.
Според првичните информации од МВР, при прегледот на телата не биле забележани видливи траги на насилство.
Телата се предадени на обдукција, која треба да ги утврди точните причини за смртта.
Како што објави „Плусинфо“, станот во кој биле пронајдени телата се наоѓа во зграда во Кисела Вода во која некогаш живеел поранешниот премиер Никола Груевски. Попладнево околу објектот имало засилено полициско присуство.
Истрагата треба да ги утврди сите околности поврзани со смртта на двајцата тајвански државјани.


