
Силното невреме што попладнево зафати повеќе делови од Македонија вечерва стигна и во Скопје. Главниот град е зафатен од пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира за атмосферска нестабилност во Скопје, со врнежи кои на места се со пороен карактер, проследени со електрични празнења и засилен ветер.
„Умерен до пороен дожд, грмежи и засилен ветер во Скопје!“, информира УХМР.
Уште во текот на денот метеоролозите предупредија дека во попладневните часови ќе има услови за нестабилност, а локално процесите може да бидат поинтензивни со силен ветер, обилен дожд, грмежи и појава на град. За Скопската Котлина беше најавена можност за краткотрајно невреме.
Нестабилноста претходно зафати повеќе градови во земјава, а пороен дожд, грмежи и засилен ветер беа регистрирани во повеќе региони.
Поради дождот и наглата промена на временските услови, се препорачува зголемена внимателност во сообраќајот, особено на места каде што коловозите се влажни и видливоста е намалена.


