Skip to main content
Македонија

Богдановиќ: По оставката од СДСМ никој од раководството не ме побара да разговараме

24/11/2026  21:25

Поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека по поднесувањето на оставката од СДСМ никој од партиското раководство не го контактирал за да разговара со него за причините за заминувањето.

Богдановиќ рече дека во писмената оставка детално ги навел проблемите што ги гледа во партијата и несогласувањата со нејзините политики. Според него, оттогаш не забележал промени.

Тој потсети дека активно учествувал во изборната кампања на СДСМ во Центар, иако партијата не го поддржала за втор градоначалнички мандат. Со својот ангажман, вели, придонел за победата на СДСМ во општината.

„Кога видов дека веќе нема ни идеологија, нема ни работа, нема ни грижа за членовите, решив да си напишам културно оставка“, рече Богдановиќ.

Тој оцени дека партија што не се грижи за своите членови и симпатизери тешко може да ја задржи довербата на граѓаните.