Skip to main content
Свет

Зеленски за Си-Ен-Ен: Украина има само една 10% од американските пресретнувачки ракети што ѝ се потребни

13/08/2026  08:32

Украина има само една десетина од пресретнувачките ракети што итно ѝ се потребни од Соединетите Држави за да ги запре сè поинтензивните руски напади со балистички ракети, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека секојдневно води „милиони“ телефонски повици и доверливи разговори со сојузниците за да обезбеди дополнителни залихи.

„Оваа година имаме два и пол пати помалку пресретнувачи отколку што имавме во 2025 година. Русија има двојно повеќе балистички ракети месечно отколку порано“, истакна Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен .

Тој додаде дека ако САД ѝ продадат на Украина пет проценти од своите залихи, би можеле „да ја преживеат зимата и да спасат животи“, додека со 10 проценти би можеле „да ги уништат сите руски балистички ракети“.

Зеленски рече дека сè уште постојат сомнежи за тоа како ќе се спроведе наводната обврска на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ дозволи на Украина да произведува сопствени пресретнувачки ракети „Патриот“. Зеленски рече дека директно апелира до Белата куќа, преку телефонски повици и пораки, како и индиректно преку сојузниците, да ја зголеми помошта за Украина во системите „Патриот“.

Во исто време, тој не сакаше да даде детали за неговите неодамнешни контакти со администрацијата на Трамп.

Тој потврди дека неодамна разговарал телефонски со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, но не сакаше да ги коментира наводите на „Фајненшл тајмс“ дека Венс побарал од Украина да ги запре нападите врз руското нафтено пристаниште на Црното Море, кои им се закануваат на американските компании и ризикуваат пораст на глобалните цени на енергијата.

Киев, исто така, поднесе нови предлози како дел од мировниот процес предводен од Трамп, кој практично е застојан во последните месеци.

Зеленски не сакаше да даде детали, но рече дека „е потребно поголемо ангажирање на американската страна во мировниот план“. „Благодарен сум на тимот на претседателот Трамп што сака да продолжи. (Рускиот претседател Владимир) Путин не сака да ја заврши оваа војна сега и во моментов нема доволен притисок врз него“, рече Зеленски.

Тој, исто така, ја отфрли можноста Украина да ги отстапи преостанатите територии во Донбас што Путин сака да ги освои, нагласувајќи дека безбедносните гаранции остануваат клучни за Киев.

„Русија почнува да зборува за оваа војна и за територија. Клучното прашање е зошто, по долга пауза, не би се вратила повторно со уште еден или два милиони војници? Зошто не би се вратила повторно да нè окупира?“, рече Зеленски.

Зеленски додаде дека се согласува со проценките на некои западни земји дека Путин би можел да се обиде да ја прошири војната во НАТО, вклучително и можен напад врз помалите балтички членки на Алијансата.

„Тој не знае како да ја заврши оваа војна без голема окупација или голема победа за неговото општество. Полесно му е да најде некоја помала земја, нема да му биде важно дали таа земја е во НАТО или не. Тој сака брза победа, 100% сигурност дека ќе победи, окупира, уништи или контролира“, заклучи Зеленски.