
Во текот на ноќта на 17/18.10.2026 година, во периодот од 21:00 до 03:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи спроведе засилена акциска контрола на подрачјата на општините Илинден, Гази Баба и Кисела Вода, со посебен акцент на откривање и санкционирање возачи кои управуваат моторни возила под дејство на алкохол.

При контролата откриени се осум возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол, од кои тројца се лишени од слобода поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик, бидејќи кај нив било утврдено присуство на алкохол над 1,50 ‰.
Дополнително, од слобода е лишено уште едно лице поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик, затоа што управувало моторно возило без возачка дозвола.
Против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.
Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените акциски контроли и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот.

Апелираме до сите возачи и учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило под дејство на алкохол и со своето одговорно однесување да придонесат за побезбедни патишта.

