Skip to main content
Балкан

Вучиќ кандидат на СНС за премиер на Србија

06/09/2026  08:00

Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија (СНС) вчера на седница во Ниш го избра Александар Вучиќ за нејзин кандидат за премиер на претстојните парламентарни избори.

„Констатирам дека главниот одбор на Српската напредна партија донесе едногласна одлука на идните избори да настапиме со листата ‘Александар Вучиќ, обединета Србија’, дека носител на листата и прв на листата е Александар Вучиќ и дека Александар Вучиќ е нашиот кандидат за претседател на Владата“, изјави претседателот на СНС, Милош Вучевиќ.

На крајот од седницата тој ги повика членовите на партијата да се подготват за прибирање потписи за претстојните избори.

„Започнува кампањата, изборите се тука пред нас. Како што рече претседателот Вучиќ, одиме да победиме!“, порача Вучевиќ.