
Во Собранието денеска ќе се одржи Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Во рамки на вчерашниот ден, беше отворен состанокот на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, со ко-претседавачите, пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер.
Василевска, отворајќи го состанокот, изрази благодарност до европратениците за континуираната и недвосмислена поддршка на процесот на проширување на Европската Унија.
Василевска повтори дека ЕП позитивно ги оценува постигнатите реформски чекори, стабилноста на меѓуетничките односи и високото ниво на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, препознавајќи нè како кредибилен и сигурен партнер на НАТО и на Унијата, вклучително и преку нашето учество во мисиите и операциите на Унијата.
Таа истакна дека сме свесни дека како земја-кандидат имаме јасна одговорност доследно да ги спроведуваме неопходните реформи и континуирано да ги усогласуваме нашите политики со европските стандарди и вредности, особено во областите на енергетиката, транспортот, трговијата, одбраната и безбедноста.
-Но, кредибилитетот на процесот на пристапување се темели на заемна доверба и исполнување на обврските од двете страни. Затоа, е од особено значење постигнатиот напредок на земјите кандидати да биде соодветно препознаен и вреднуван, а европската политика на проширување да остане предвидлива и конзистентна. Само преку таков пристап можеме да обезбедиме одржлив реформски процес, да ја зацврстиме европската перспектива на земјите кандидати и истовремено да придонесеме кон посилна, побединa и поотпорна Европска Унија, способна поефикасно да одговори на предизвиците на глобалната конкуренција – нагласи Василевска.
Таа оцени дека одложувањето на процесот на проширување може да влијае врз европската позиција и присуството во регионот, особено во услови на зголемена конкуренција на влијанија. Оттука, рече, важно е проширувањето да остане кредибилен, предвидлив и динамичен процес заснован на заслуги.
Карло Реслер рече дека земјава несомнено припаѓа во европското семејство. -Но исто така ни е јасно колку е долг и фрустрирачки овој пат кон евроинтеграциите за вашата земја. Сакаме да бидеме рамо до рамо со вас како Европски парламент, со вашите граѓани и со колегите во Собранието, истакна Реслер.
Пратениците вчера го усвоија записникот од 24. состанок на Мешовитиот комитет што се одржа на 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур.

