Skip to main content
Македонија

Водата во Крушево не е безбедна за пиење

24/07/2026  00:32

Жителите на Крушево во наредниот период ќе треба да бидат внимателни при користењето на водата од градскиот водовод, откако ЈП „Комуна“ соопшти дека таа е бактериолошки неисправна.

Повикувајќи се на резултатите од анализите на Центарот за јавно здравје од Прилеп, од претпријатието препорачуваат за пиење да се користи исклучиво пакувана вода. Во соопштението не се наведува за каков вид бактериолошка неисправност станува збор, ниту кои бактерии се детектирани во примероците.

Дополнително, бактериолошка неисправност е утврдена и кај водата од крајпатните чешми „Бензинска пумпа“ и „Св. Петка“, чии води не смеат да се користат за пиење.

Од ЈП „Комуна“ информираат дека водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, приготвување храна, перење и миење садови само доколку претходно се преврие најмалку 10 минути.

„Исто така, информираме дека се врши редовно хлорирање на водата и секојдневно се врши контрола на присуството на хлор. Препораките ќе останат во сила сè до добивањето на три последователни исправни примероци од водата“, соопштуваат од претпријатието.

Од таму додаваат дека Центарот за јавно здравје – Прилеп ќе биде во постојана комуникација со надлежните институции и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошните резултати од анализите.