Skip to main content
Балкан

Владиниот совет за национална безбедност на Грција ги одобри грчката „Железна купола“ и уште десет програми за вооружување

23/07/2026  17:19

Грчката верзија на „Железната купола“, односно противвоздушен, противбалистички и антидронски одбранбен штит што го носи името „Штитот на Ахилеа“, како и уште десет други програми за модернизација и вооружување на армијата беа одобрени на денешниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност, што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

По состанокот, министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас детално информираеше за одобрените договори што се дел од Долгорочната програма за вооружување на земјата.

– Првата одлука се однесува на Мрежата за ракетна одбрана и откривање закани. Ова е сложен назив, што во суштина значи противвоздушен, противбалистички и антидронски штит. Се однесува на низа системи од повеќеслојни одбранбени штитови кои ќе ја покриваат целата грчка територија, управувани преку интегриран систем за команда и контрола што ќе вклучува учество на грчката одбранбена индустрија со над 700 милиони евра, посочи Дендиас.

Објасни дека системот ќе биде целосно оперативен за 35 месеци, испораката ќе се одвива по фази, „но по истекот на овие 35 месеци ќе биде во целост завршен и подготвен за оперативна употреба“.

Дендиас ги презентираше и останатите програми што добија зелено светло од владиниот совет и се: системи за електронско справување со дронови; набавка на уште еден систем на беспилотни летала Херон 1 (класа 3); вклучување мали сателити; набавка на десет дополнителни беспилотни системи В-БАТ; набавка преку НАТО на уреди за ноќно набљудување; набавка на три транспортни авиони C-390 Millennium преку меѓудржавен договор со Португалија; набавка на десет подводни возила за специјални операции ВИЦТА; надградба на четирите фрегати MEKO; набавка на ласерски проектили „Хелфајр“ за хеликоптерите Апачи, како и програма за постдипломски студии во САД за припадниците на грчката армија.

За темите кои биле разгледани на состанокот на Владиниот совет за национална безбедност, владиниот портпарол Павлос Маринакис соопшти дека биле одобрени прашања поврзани со вооружувањето на армијата, дека министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис информирал за последните меѓународни случувања, со акцентот на Иран и Блискиот Исток, додека пак министерот за миграција и азил Танос Плеврис информирал за спроведувањето на Пактот за миграција и азил, како и за мигрантските бранови во земјата „кои бележат значително намалување, додека истовремено е забележан пораст на бројот на враќања на мигранти“.