
Додека европските земји ја препознаваат стратешката важност на критичните минерали и вложуваат во отворање нови рудници, Македонија и понатаму нема реализирано ниту еден нов поголем проект за металични суровини.
Еден од најзначајните е проектот „Иловица“, каде геолошките истражувања покажуваат резерви од околу 500 милиони тони руда со проценети 410.000 тони бакар. Според инвеститорот, годишното производство би надминало 10.000 тони бакар, а проектот има потенцијал да стане една од трите најголеми извозни компании во Македонија. Во време кога светот води трка за критичните минерали, останува прашањето дали земјата ќе успее навреме да го искористи својот природен потенцијал.
Пред само неколку месеци британски инвеститори остварија средби со претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, но нема детали околу проектите за кои се разговарало и дали меѓу темите бил и македонскиот бакар. Истражувањата на Британскиот геолошки истражувачки центар покажуваат дека Велика Британија најверојатно ќе остане зависна од увоз на критични минерали и покрај тоа што го стимулира домашното рударство, па ќе мора да бара поддршка од земји партнери.
„Брзиот раст на производство на електричните возила, ветерните турбини и фотоволтаиците значи дека, на краток рок, примарното снабдување со минерали кое се експлоатираат директно од земјата ќе остане од суштинско значење за задоволување на секторите во раст и пополнување на празнините во снабдувањето. Ова вклучува континуирана зависност од увоз на литиум, бакар, никел, кобалт, манган и ретки земни елементи и ја нагласува важноста на диверзификацијата на синџирот на снабдување, одговорното снабдување и стратешките меѓународни партнерства“, оценува Британскиот геолошки истражувачки центар.
На неодамнешната Конференција за рударството во Обединетото Кралство, беше потенцирано дека природниот капитал на земјата претставува економска можност од огромни размери, но сепак останува исклучителен предизвик да се обезбедат финансии за проекти за критични минерали.
„Тука во Корнвол, никогаш не сме ја загубиле нашата гордост кога станува збор за минералите, но сега повторното оживување на рударството ја враќа надежта во нашите заедници. Не станува збор само за работни места, туку и за развој на инфраструктура и општествени подобрувања, и ова е возбудливо време ако добро ги изиграме картите. Сепак, сега треба да ја искористиме големата поддршка за нашата индустрија и да преземеме холистички пристап кон истражувањето, експлоатацијата, преработката, развојот на вештини и рециклирањето на минерали за да се осигураме дека Корнвол ќе се справи со предизвикот и ќе се придружи на останатите проекти низ Велика Британија за обезбедување на домашни резерви на критични минерали што ни се потребни за да го живееме модерниот живот“, истакна во обраќањето пратеникот Перан Мун.
Според инвеститорите, сега е време да се започнат рударските проекти.
„Најдоброто време да се засади дрво беше пред 20 години, а второто најдобро време е сега, па затоа мора да се здружиме за да развиеме индустрија за критични минерали во Велика Британија без понатамошно одложување. Треба да овозможиме долгорочни инвестиции за да ги забрзаме проектите за минерали, да го поттикнеме производството, да ја овозможиме енергетската транзиција и да му бидеме од корист на локалното население низ целата земја“, нагласи основачот на „Корниш Литиум“, Џереми Вратхол.
Инаку, во британската „Визија 2035 – Стратегија за критични минерали“, е истакнато дека очекуваат дека до 2035 година годишната побарувачка за бакар да се удвои, додека побарувачката за литиум да се зголеми за 1.100%. Како што економиите низ целиот свет ја спроведуваат зелената транзиција, побарувачката за овие минерали само ќе се зголемува, бидејќи енергетските извори и транспортот стануваат сè позависни од технологијата со ниски јаглеродни емисии. На глобалниот пазар, како што се додава во документот, во последниве години сме сведоци на сè поконцентрирани синџири на снабдување со преработка и рударство и таквата концентрација значи дека синџирот на снабдување е особено ранлив на шокови како што се природни катастрофи, војна или геополитички последици.

