Skip to main content
Хроника

МВР со засилени контроли: Казнети 31 мотоциклист без кацига, шест лица лишени од слобода

06/07/2026  10:26

Вкупно 70 санкции и шест лишувања од слобода се епилогот од акциската контрола што ја спроведе Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување на подрачјето на Струмица.

Контролата била реализирана на 5 јули, во периодот од 17:00 до 23:00 часот, а била насочена кон санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

При акцијата биле изречени вкупно 70 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Од нив, една санкција се однесува на возач на електричен тротинет, пет за управување мотоцикл со истечена важност на сообраќајната дозвола, 31 санкција за возачи кои управувале мотоцикл без заштитен шлем, три за управување без соодветна возачка категорија и три за неистакната регистарска таблица, како и други прекршоци.

Полицијата открила и шест кривични дела за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Меѓу приведените има и едно малолетно лице, а сите шестмина се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Во текот на контролата бил одземен и еден мотоцикл поради тоа што сообраќајната дозвола му била истечена повеќе од шест месеци, согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ваквите засилени сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

Од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, нагласувајќи дека само со одговорно и совесно однесување може да се придонесе за побезбеден сообраќај и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.