Skip to main content
Македонија

Миноски: Нулта толеранција за корупција и крај на партизацијата – време е за нов систем

30/09/2026  22:40

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски отвора дебата за, како што ја нарекува, „Четврта Македонска Република“, оценувајќи дека на државата не ѝ е потребна само промена на политичките гарнитури, туку суштинска промена на системот и прекин со досегашните практики.

Во објава на Фејсбук, Миноски прави паралела со историскиот развој на Франција и нејзините пет републики, посочувајќи дека нови политички системи се создавале кога постојните модели повеќе не можеле да одговорат на општествените и политичките предизвици.

Според неговото толкување, македонската државотворна традиција досега поминала низ три републики – Крушевската Република, државата воспоставена со АСНОМ во 1944 година и независна Македонија создадена во 1991 година.

Миноски смета дека системот изграден по независноста, и покрај очекувањата за демократска, суверена држава и пазарна економија, со текот на годините станал оптоварен со негативна селекција, партизација, непотизам, кронизам и корупција.

Токму поради тоа, тој го поставува прашањето дали е време за „Четврта Република“, која би значела рестартирање на системот и дисконтинуитет со практиките што, според него, ја нарушуваат функционалноста на институциите и правниот поредок.

Миноски наведува повеќе столбови врз кои, според неговата замисла, би требало да се темели новиот систем.

Меѓу нив се нулта толеранција за корупцијата и третирање на високата корупција како антидржавен чин, зајакнување на владеењето на правото и воведување објективни и транспарентни критериуми при изборот на судии и обвинители.

Тој предлага и темелни промени во образованието, вклучително проверка на акредитациите и начинот на стекнување универзитетски звања, како и воспоставување мерит-базирани критериуми во академската сфера.

Во здравството, според Миноски, потребни се развиена јавна инфраструктура, современа опрема и професионален и соодветно платен медицински кадар.

Како еден од столбовите ја посочува и заштитата на животната средина, при што воздухот, водата, почвата и природата, според него, треба да бидат третирани како стратешки национален интерес.

Во економскиот дел, Миноски предлага нов модел базиран на конкурентна пазарна економија, разбивање на монополите и преиспитување на лиценците, дозволите, регулаторните тела и агенциите кои, како што оценува, не создаваат јавна вредност и можат да претставуваат пречка за развојот на бизнисот и извор на корупција.

Поранешниот министер бара и темелна реформа на јавната администрација, која, според него, треба да биде сервис на граѓаните и стопанството, а не на политичките партии.

Посебен акцент става на природните богатства и критичната инфраструктура. Според неговиот предлог, минералните суровини и другите природни ресурси треба да се третираат како национално богатство, со јасни правила за нивно користење и со заштита на државниот интерес.

Миноски предлага и промени во политичкиот систем во насока на поголема непосредна демократија, поголема отвореност и репрезентативност, како и законска рамка што би барала демократско функционирање и избор на раководствата во самите политички партии.

Меѓу постулатите ги наведува и слободните и независни медиуми, со јасни критериуми за сопственоста, финансирањето и функционирањето на медиумите.

Според Миноски, концептот за „Четврта Република“ не треба да значи само замена на една политичка гарнитура со друга, туку воспоставување нов поредок и прекин со досегашниот начин на функционирање.

„Без промена на системот постојано ќе се вртиме во кругот на формално нови лица, а во суштина стари практики, од кои добиваме ист исход“, порачува Миноски.

Тој смета дека ваквата промена може да произлезе единствено од автентична волја на граѓаните, артикулирана преку луѓе со знаење, интегритет и идеја за создавање напредна држава.

На крајот од објавата, Миноски повторно го поставува прашањето со кое ја отвора дебатата: „Дали е време за Четврта Република?“